ШТО МОЖАТ НАСТАВНИЦИТЕ ДА ПРЕЗЕМАТ ЗА ПОГОЛЕМА ИНТЕРНЕТ БЕЗБЕДНОСТ НА УЧЕНИЦИТЕ?

 

Креирајте правилник за користењето на интернет и комуникацијата преку интернет и истиот нека го потпишат и учениците

Со ова ќе се постават јасни правила и принципи, но и стандарди во однос на тоа што е добра, а што лоша практика при користењето на интернет. Дополнително, со потпишувањето децата ќе се чувствуваат обврзани кон она што е дадено. Особено е важно при креирање на правилникот да се користи јазик, термини и поими разбирливи за возсраста на децата. Објаснете како е очекувано тие да го користат интернетот и на коков начин треба да комуницираат меѓусебно онлајн. Со оглед дека ова ќе преставува документ на училиштето или интерен документ за вашиот клас или одделение, обврзете ги децата да се придржуваат до правилата при посета на онлајн наставата, при изработка на домашните задачи, но и во секојдневната комуникација. Најдобро е ваквиот правилник да биде донесен на почетокот на училишната година, но и при почетокот на второто полугодие или ново тромесечие е сосема прифатливо, со оглед на тоа дека до тогаш ќе бидат апсолвирани определени правила. Важно е по одредено време да се потсетува за постоењето на тие правила.

Научете ги децата за онлајн приватност, но и за онлајн опасност (нешто што делува многу повеќе од класично блокирање на сајтови, што и не е апликабилно за време на онлајн настава)

Посветете внимание на тоа да објасните на што треба да се внимава при користење на интернетот. На пример, укажете зошто е важна тајноста на пасвордите кои тие ги поседуваат. Но, истовремено упатете ги дека на интернет постојат многу опасности. Дадете им примери или предложете им релевантни веб страни од информативен карактер за да до нив се доближи темата за трговија со деца на интернет (Cybertrafficking), но и други теми како на пример онлајн врсничко насилство (Cyberbullying). Дискутирајте на оваа тема, слушнете ги и нивните ставови и знаења.

Креирајте „сигурно катче“ или систем на пријавување на определени лоши интернет практики

Разговорот со децата е неопходен, а давањето до знаење дека постои начин како тие да се обратат до вас со конкретен проблем поврзан со однесување на интернет е од неизмерно значење. Обрнете особено внимание и разговарајте со нив за проблемите со кои тие може да се соочат при споделување на провокативни/голи фотографии (sexting) дури и тоа да се прави со познат другар или соученик. Најважно е пред претходен разговор на оваа тема и Вие самите да сте добро информирани, но и да ги знаете достапните механизми за пријавување на злоупотреба на деца, трговија со деца, меѓуврсничко насилство итн.

Вклучете ги децата во процесот

Дебата на овие теми и заедничко креирање на системот за пријавување, како и на правилникот за користење на интернет се најдобрата опција. На овој начин учениците ќе се чувствуваат како дел од финалниот производ и е поверојатно да имаат желба да се придржуваат до правилата, отколку само истите да бидат наметнати врз нив.

Обидете се да бидете во тек со новата технологија

Бидете во тек со новите случувања, онлајн новитети, нови социјални мрежи, термини кои ги користат Вашите ученици. Колку повеќе знаете и сте инволвирани, толку повеќе можете да помогнете.

Што може да направиме за да ги заштитиме децата од cyber trafficking?

Зборувајте со Вашите деца

Заштитата започнува со разговор сведен на соодветната возраст на Вашето дете. Заедно зборувајте за тоа какви содржини се прикажуваат и се во мода, а и кои алатки стојат на располагање за заштита од опасностите кои постојат при користење на интернет и социјални мрежи. Обидете се да им објасните на децата зошто поставувате определени рестрикции во врска со користењето на смарт уредите, тоа ќе помогне за да добиете позитивна повратна реакција од нив, отколку бунтовнички испад. Доколку е потребно, предложете му на Вашето дете да поминете низ различни претпоставени ситуации (може и преку глума), каде тоа ќе се стави во позиција да треба да каже „не благодарам“ на другарите, пријатели или членови од семејството при покани за одредени групи, четови или било каква активност на социјалните медиуми која тоа ја смета за непријатна, непотребна или едноставно нема интерес од истата. За онлајн практиките кои ги дискутирате да функционираат, важно е да направите „договор“ кон кој ќе се придржуваат сите членови на семејството. Примерот кој го даваат родители е најголемата лекција за секое дете!

Изберете ги вашите сигурносни алатки

Важно е да изберте релевантни содржини и извори на информации за да се едуцирате, информирате и да ги обновите вашите знаења во врска со промените во дигиталниот свет. Специјализиран сајт како овој, веб страни на организации (странски и домашни) кои работат во конкретната област, како и Facebook (Поблиску отколку што мислиш) или Instagram (Block за Cyber Trafficking) страни се добар почеток и содржините можете да ги разгледате заедно со Вашето дете. Исто така, може да се послужите со конкретни дигитални алатки како BARK за мониторирање на користењето на мобилниот телефон на детето или анти-порнографски софтвер како Covenant Eyes. Користењето на овие алатки е индивидуално и не е секогаш неопходно, родителот е оној кој го проценува најдобриот интерес на детето.

Креирајте практични дигитални навики

Еден од најбезбедните начини на превенирање на опасни содржини и социјализација со сомнителни профили, е да изберете заеднички простор од домот каде ќе може да се користат компјутерот/мобилниот телефон/таблетот. На овој начин сте заштитени од пребарувања или разговори кои бараат поголема приватност. Некои родители прават листа на пасворди кои се користат за социјалните мрежи и не е дозволено користење на смарт уреди во слободно време доколку детето не се придржува до оваа листа. Размислете на опцијата Вашето дете да користи единствено социјални медиуми кои Вие ги разбирате и знаете да ги ракувате, а добро проверете како функционира некоја нова социјална мрежа пред да се согласите Вашето дете да има личен профил на истата. Препорачливо е Вие како родител да имате акаунт на социјалните мрежи каде Вашето дете е активно, како би можеле да бидете онлајн пријатели.

Лимитирање на времето поминато на смарт уреди и гаџети е навистина важна практика. Постојат определени уреди, кои го одбројуваат времето поминато на интернет и ја гаси интернет конкцијата кога на пример следува времето за добра ноќ. Секако постојат и потрадиционални и бесплатни методи во однос на регулирање на времето поминато на интернет.

Гледајте да искористите што повеќе од добрата страна на од интернетот!

И покрај ризиците, поготово од трговијата со деца на интернет или Cyber Trafficking, постојат многу бенефити од користењето на интернетот и социјалните медиуми. Преку овие алатки се доаѓа до многу корисни информации и се унапредува знаењето за добри цели.

Меѓународен ден за потсетување на трговијата со робови и нејзиното укинување

Денес е меѓународниот ден за потсетување на трговијата со робови и нејзиното укинување. За жал трговијата со луѓе е сѐ уште присутна во сите држави низ светот, во различни форми. По тој повод Кејт Мари Брнз, Амбасадор на САД во Република Северна Македонија испрати повик за приклучување на сите во борбата против трговија со луѓе.


Пет начини како да придонесеш во стопирање на трговија со луѓе

Сите ние можеме да придонесеме во стопирањето на трговијата со луѓе. Ова се само неколку начини како можеме да помогнеме.

  1. Запознајте се со сите индикатори, за да можете да идентификувате потенцијална жртва на трговија со луѓе. Разговарајте со релевантни институции, организирајте обуки и работилници за подигнување на свесноста за трговијата со луѓе и задолжително пријавувате го секој сомнителен случај.
  2. Доколку се сомневате дека некој е потенцијална жртва на трговија со луѓе пријавете го случајот веднаш на бесплатната SOS телефонска линија 0800 11 111 или на 077 811 191, или пак кај мобилните тимови распределени низ земјата.
  3. Поттикнете ги училиштата во вашата општина да вметнат обуки за едукација на децата за трговија со луѓе во нивните наставни програми. Трговијата со луѓе многу често е насочена кон деца на училишта возраст, па токму затоа едукацијата од најрана возраст може многу да помогне во препознавањето и превенцијата на голем број случаи.
  4. Волонтирајте и поддржувајте ги сите настани кои служат за поткревање на свесноста за овој проблем.
  5. Доколку имате бизнис, отворете нови работни места за да им помогнете на жртвите на трговија со луѓе полесно да се интегрираат во општеството. Разговарајте со локалните медиуми и поттикнувајте ги новинарите почесто да пишуваат за овие теми и секако доколку сте адвокати, нудете бесплатна правна помош за сите оние кои биле жртва на трговија со луѓе.

Дефиниција за трговија со луѓе

Трговијата со луѓе е акт на злоупотреба на луѓе преку употреба на сила, измама или принуда за вршење на одредени дејства против нивна волја. Важно е да се напомене дека трговијата со луѓе не секогаш подразбира, ниту бара, движење односно транспортирање. Одредено лице може да биде жртва на трговија и во својот роден град, на своето работно место. Целта на трговците со луѓе е експлоатација и поробување, кои можат да бидат завиени во секаква форма.

Видови на трговија со луѓе

Сексуалната експлоатација и присилна работа се најчестите идентификувани форми на трговија со луѓе. Останатите форми на трговија со луѓе се многу ретко пријавувани иако неретко се случуваат секојдневно околу нас. Тука се вклучени, домашно ропство, присилен брак, експлоатација на деца за питачење, киднапирање за отстранување на органи, киднапирање и продажба на бебиња и многу други.

Причини за трговија со луѓе

Причините за трговија со луѓе се сложени и меѓусебно тесно поврзани. Вклучуваат економски, социјални и политички фактори, но најчесто станува збор за комбинација од неколку. Помеѓу останатите фактори се вклучуваат и корупција во државата, недостаток на пристап до работни места, низок степен на образование, нарушено и дисфункционално семејство, недостаток на човекови права, слабо спроведување на политиките на владата и многу други.

За жал е многу профитабилна криминална гранка

Заедно со нелегалната трговија со дрога и оружје, трговијата со луѓе е една од најпрофитабилните криминални гранки во светски рамки. Според извештаите на International Labor Organization (ILO) присилната работа генерира околу 150 милијарди долари незаконски профит годишно. Две третини од тие пари доаѓаат од сексуална експлоатација, додека останатиот дел од економска експлоатација од секаков тип.

Верувале или не, се случува насекаде околу нас

Буквално се случува на секој континент и во секоја држава. Станува збор за криминал кој е и домашен и глобален проблем, со жртви кои се транспортираат во својата земја, од држава во држава па дури и на различни континенти. Жртвите се на секоја возраст, било кој пол, верска или национална определба. Најчесто жените и децата се жртви на сексуална експлоатација, додека мажите на принудна работа. Глобално земено, една петина од жртвите се деца.

Сексуална експлоатација

Сексуалната експлоатација е најдоминантна форма на трговија со луѓе во земјава. Во 2018 година се идентификувани вкупно 6 жртви на сексуална експлоатација, односно 2/3 од вкупниот број идентификувани жртви на трговија со луѓе.

Сексуалната експлоатација е најчесто застапена форма не само во нашата земја туку и на целата територија на југо-западен Балкан, а најчести мети се жени и деца.

Покрај присилната проституција, оваа форма вклучува и злоупотреба за порнографски цели, експлоатација за онлајн или телефонски сексуални услуги и  многу други методи.

Според истражувањата трговците со луѓе ја придобиваат довербата на една жена (во многу случаи и малолетни девојки) преку нудење на високо платена работа во странство и одлични финансиски можности за неа и нејзиното семејство. Во многу случаи трговецот нуди „легална“ работа во угостителство, хотелиерство, барови и клубови, договори за работа како модел, работа како бебиситерка и платени стипендии за студирање во странство.

Криумчарење на мигранти

„Криумчарење на мигранти“ е обезбедување на финансиска или друга материјална корист од илегално пренесување на мигранти преку државна граница, како и обезбедување на финансиска или друга материјална корист од набавување или поседување на лажни патни исправи за таа цел.

Обично криумчарот заради остварување на својата цел може да се служи со употреба на сила, измама, ја злоупотребува својата службена положба или немоќта на лицето кое може да не е свесно за ваквата ситуација.

Она што е важно да се забележи во пракса е разграничувањето помеѓу трговија со луѓе и криумчарење на мигранти. Границата е најчесто многу тенка и воопшто не е лесно да се утврди за што станува збор. Голем број лица го започнуваат своето патување како криумчарени мигранти, склучувајќи договор со поединец или група за да им биде помогнато во илегално движење давајќи финансиска надокнада за возврат.

Во класичните случаи овој однос е краткорочен и завршува по исполнувањето на договореното, меѓутоа голем број на мигранти се присилени да го продолжат овој однос за да ги исплатат големите транспортни трошоци. Токму во оваа фаза се гледа крајната цел на изнудувачот (принудна работа, принуден криминал, принудна проституција, должничка врска).

Принудно питачење

Принудното питачење, исто така влегува како уште една форма на трговија со луѓе. Оваа форма е доста застапена кај нас, но и во сите поголеми европски и светски метрополи, каде што фреквенцијата на луѓе и дневната миграција е доста голема. Станува збор за принудување на питачење, најчесто на деца од најмала возраст, но во синџирот влегуваат и голем број на возрасни лица и лица со попреченост или телесен инвалидитет.

Најчесто, жртвите на овој тип трговија со луѓе, не добиваат ништо за возврат, а се оставени секојдневно да питачат по улиците без разлика на временските услови. Недостатокот на нормални услови за живот, вработување и образование само го продлабочуваат овој голем општествен проблем.

Трудова експлоатација

Трудовата експлоатација е вториот најприсутен облик на трговија со луѓе на целиот Балкан. Во светот најчесто оваа експлоатација се случува во земјоделскиот, индустрискиот, текстилниот и угостителскиот сектор. Најчести жртви се работоспособни мажи и деца.

За да се дефинира терминот трудова експлоатација треба да се разбере дека станува збор за сериозно прекршување на голем број на човекови права.  Меѓународната Организација на Труд (МОТ) создаде сет на индикатори за да се идентификува принудната работа во пракса како краен резултат на процесот на трговија со луѓе. Во овие индикатори влегуваат ропство поради долг, измами и лажни ветувања, задржување и неисплаќање на заработените плати, задржување на документи за присилување за работа, закани за присилно отстранување и ограничување на слободата на движење и многу други. Чести жртви се нови доселеници и мигранти, бидејќи се лесна мета за трговците преку лажни ветувања за дозволи за престој, перманентни работни позиции и подобра иднина

Црвено копче на МВР

Од 2015 година Министерството за внатрешни работи воведе „Црвено Копче“, апликација создадена за пријавување на злоупотреба на деца, трговија со луѓе, како и криминал од омраза и повикување на насилство.

Апликацијата е наменета за пријавување на посочените кривични дела од страна на жртви, но и од страна на било кој што има некакви сомненија или информации за одреден случај.

Пријавата може да биде анонимна и да не се открива идентитетот на лицето кое пријавува, а бидејќи станува збор за исклучително сериозни сомненија, секој случај, па дури и доколку станува збор за злоупотреба на апликацијата, МВР ќе го истражи случајот. Секоја злоупотреба на оваа корисна онлајн алатка, МВР дополнително ќе ја истражи и за сторителот ќе следува соодветна санкција.

Со воведување на оваа онлајн алатка за пријавување на вакви случаи, не престанува праксата за пријавување на случаите на бесплатната SOS телефонска линија 0800 11 111 или на 077 811 191.

Национална комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција

Во март 2001 година, владата на Република Северна Македонија, реагирајќи одлучно против трговијата со луѓе и илегалната миграција донесе одлука за формирање на „Националната комисија за борба против трговијата со луѓе и илегална миграција на Република Северна Македонија“.

Цели на оваа комисија се следење и анализирање на состојбата со трговијата со луѓе и илегалната миграција, координација на активностите на надлежните органи и соработка со меѓународни и невладини организации вклучени во решавањето на проблеми од областа на трговија со луѓе.

Националната Комисија има интеринституционален состав, односно во нејзината работа се вклучени членови од повеќе државни органи, додека работејќи на повеќе проекти низ годините остварен е партнерски однос со голем број меѓународни организации како УНХЦР, Мисијата на ОБСЕ во Македонија, Амбасадата на САД, ГИЗ и многу други.

Низ годините Националната Комисија до Владата иницираше и предлагаше повеќе измени на Кривичниот Законик и други закони со цел поефикасни гонење на трговците со луѓе, како и за пружање поголема заштита на жртвите од овие кривични дела.

По воведување на кривичното дело трговија со луѓе во 2002 година до денес во Кривичниот Законик  инкриминирани се и делата криумчарење мигранти, организирање на група за поттикнување и извршување на дела трговија со луѓе и криумчарење мигранти како и трговија со малолетно лице. Исто така, донесени се Стандардни Оперативни Процедури за постапување со жртвите, а формиран е државен центар за прифаќање и засолнување на жртви на трговија со луѓе.

Дознајте повеќе за Националната комисија за борба против трговијата со луѓе и илегална миграција на Република Северна Македонија на нивниот веб-сајт.